
Втор случај во кој лице позитивно и хоспитализирано во модуларната ковид болница во Штип ја напушта истата. Имено, овој пат тоа го сторило 84 годишно лице, но било навремено пронајдено и вратено назад. На 26.09.2021 во 15.47 часот во СВР Штип, од модуларната болница при Клиничка болница Штип било пријавено дека 84-годишен пациент ја напуштил болницата. Од страна на полициски службеници од Полициската станица Штип лицето било пронајдено на Градскиот плоштад во Штип и со возило на Итната медицинска помош вратено во болницата.
Како се случило лицето да ја напушти болницата без никој да го забележи?
Одговор на ова прашање побаравме од Директорот на Клиничка болница Штип, доктор Ален Георгијев. Идентично како и претходниот пат Георгијев истакна дека модуларната болница не е затвор.
„ Да точна е информацијата дека 84 годишен пациент ја напуштило модуларната ковид болница. Пак ќе напоменам ова е болница, а не затвор. Пациентот уште од изутрина сакаше да замине од болницата, а неговата здравствена ситуација не го дозволуваше тоа. Ја искористил приликата кога здравствениот персонал бил со останатите пациенти и ја напуштил болницата.Меѓутоа, откако е забележано дека го нема, пријавено е во полициска станица и за среќа на време е вратен назад во болницата“ – кажа Георгијев.
Во претходниот случај кога Ковид пациент ја напушти модуларната ковид болница истиот неколку часа беше пронајден мртов во близина на болницата.
Лаура Стојанова М-Нет