Во 02:32 часот Кочани повторно ќе застане – сеќавање на 63-те жртви од „Пулс“

Кочани вечерва во тишина ќе се сеќава на 63-те жртви од трагедијата во „Пулс“
Граѓаните на Кочани вечерва ќе се соберат пред поранешната дискотека Пулс за да оддадат почит на 63-те млади животи кои трагично згаснаа во разорниот пожар што пред една година го потресе целиот град и државата.
Собирот, организиран од родителите на починатите деца, е закажан за 02:15 часот, кога граѓаните ќе застанат во тивко сеќавање и со запалени свеќи ќе им оддадат почит на, како што ги нарекуваат нивните семејства, „63 ангели“.
Во 02:32 часот, моментот кога се случи трагедијата што засекогаш го промени Кочани, присутните ќе одржат минута молк во знак на почит и сеќавање.
„Нека светлината сведочи дека не забораваме. Нека тишината зборува за љубовта што останува“, порачуваат родителите во својата објава, повикувајќи ги граѓаните заеднички да ја споделат болката и спомените за младите животи кои прерано згаснаа.
Овој тивок собир претставува симбол на колективната тага, но и на сплотеноста на заедницата која и по една година продолжува да се сеќава и да ја чува меморијата на жртвите од трагедијата.