
„Папокот на светлината“ на Венко Андоновски во својот патувачки караван дојде до Штип. По Скопје, Битола и Куманово, промоцијата на романот се одржа во НУ-УБ „Гоце Делчев“ – Штип и го привлече интересот на штипската публика. Во улога на промотор беше авторката Винка Саздова, а Андоновски посочи дека романот наидува на позитивни реакции од читателската публика.
„Папокот на светлината прво не мора да се прочита. Ако некој не го интересира поимот на светлината, нема потреба да се занимава со тоа. Треба да се прочита затоа што денес, тоа е тезата на романот, злото е толку маскирано, што многу често му даваме маска и на добро. И секој што ќе го прочита романот барем ќе се замисли – дали зад некои лица на добрината се крие некое зло“, истакна Венко Андоновски.
Настанот во Штипската библиотека е во рамки на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на роднокрајниот автор, Ацо Шопов, поради што Библиотеката периодов реализира низа активности.
„Во годината кога одбележуваме 100 години од раѓањето на нашиот голем поет, Ацо Шопов, ова е уште едно литературно-книжевно случување во Штип, пред штипската публика. Посебна чест и задоволство е што можеме да го промовираме најновиот роман на нашиот истакнат македонски автор, проф. д-р Венко Андоновски. Како промотор ќе биде познатата авторка Винка Саздова. Библиотеката на овој начин, преку ширењето на литературата, пишаниот збор, не само што ги чита книгите, туку ги доближува до читателите, ја потткнува читачката култура“, истакна библиотекарката, Соња Манева .
Романот „Папокот на светот“ на Андоновски е продаден во повеќе од 12.000 примероци, а „Папокот на светлината“ досега е продаден во повеќе од 2.000 примероци. Како еден од најпопуларните писатели, Андоновски за своето творештво е добитник на сите домашни награди за проза, драма и критика, како и на меѓународните награди „Балканика“, „Кочиќево перо“ и „Југра“.
Ребека Спасова М-Нет