
Дводневна конференција за промоција на Еразмус+ програмата во УГД – Штип. Со воведување на дигитализацијата за оваа можност, студентите освен што ќе може полесно да аплицираат, ќе имаат и контрола врз целата програма, како и врз начинот на пријавување испити или нивно признавање. Конкурсот за пријавување на програмата е во тек и ќе заврши следниот петок, а со истиот планирано е на размена да заминат триесетина студенти.
„Бидејќи новата Еразмус+ конференција е повеќе дигитална, решивме да организираме ваква конференција со цел детално да го објасниме процесот за аплицирање како и за пополнување на нивните договори за учење. Овие два дена тие ќе може целосно да го видат целиот овој процес и за време на паузите да се вмрежуваат со другите Еразмус+ студенти со цел да дознаат повеќе од нивното лично искуство. Денешната конференција ќе биде почеток на оваа дигитална програма, бидејќи од следниот семестар секој студент индивидуално ќе го пополнува процесот и индивидуално ќе ги бара предметите“, истакна Сања Максимова, Еразмус+ координатор на УГД – Штип.

УГД во програмата со своите студенти и професори учествува од 2014 година. Досега повеќе од 400 студенти заминале на Еразмус+ размена, а во градот секоја година доаѓаат околу 40 странски студенти.
„Имаме одредени статистики и анализи коишто ги вршиме во Националната агенција, со што можам да кажам дека повеќе од 1 милион евра се доделени на УГД, почнувајќи од 2014 година. Повеќе од 450 студенти веќе реализирале одредени мобилности во програмските држави во Европа, во 33 држави коишто се активни чинители во програмата Еразмус+. Има се’ поголем интерес. Јас би дал само два факта: 80% од студентите коишто биле на Еразмус и ги завршиле своите додипломски студии се вработиле во првите шест месеца и 91% од студентите би ја препорачале програмата на други студенти за реализација на овие активности“, додава Александар Богоевски, претставник од Националната агенција за европски образовни програми „Мобилност“.
Еразмус+ размената трае еден семестар, односно 4 – 5 месеца. Најчесто интерес за учество има од студентите на Медицинскиот факултет, но се вклучуваат и студенти од другите факултети на УГД. Студентите заминуваат во Полска, Италија, Шпанија, Романија и соседните држави, а кај нас најчесто доаѓаат странски студенти од Шпанија, Италија, Франција и Полска.
Ребека Спасова М-Нет