
Дочекот на Нова година ќе биде скромен. Ниските финансиски примања и ковид пандемијата се најголемата причина за скромен дочек на новата 2022. Граѓаните велат, славењето по ресторани ќе го заменат со домашен амбиент, во потесниот круг на фамилијата и со своите најблиски ќе ја испратат старата година. За прослава некаде настрана не ни размислуваат, а одлуката за славење во домашен амбиент е единствена опција, бидејќи, како што додаваат, согласно со економската ситуација буџетот не дозволува таков луксуз.
Споредбено со минатото, граѓаните носталгично велат дека порано празниците се прославувале подобро, а денес беспарицата не остава можност за богат празничен дочек. Трпезата ќе биде скромна, колку што им дозволуваат финансиите. Ниските примања не оставаат многу простор за славење, а за пораскошна прослава сметаат дека е потребно покачување на пензиите и платите.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, изјави дека Општина Штип нема да организира групен дочек на Нова Година. Практиката во изминатите години покажала дека нема голема заинтересираност за таков вид настан, меѓутоа согласно приликите и состојбите во иднина не ја исклучува можноста за организирање на ваков настан.
Желбите и очекувањата на граѓаните од новата година остануваат скромни, тие посакуваат пред се здравје и мир, додека другото, како што велат, ќе си дојде само по себе.
Ребека Спасова МНет