Во вонредни услови предводена од ново раководство штипската Гимназија „Славчо Стојменски“ ќе ги пречека новите средношколци

разговор со Тамер Јамаковски, в.д. директор на СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ – Штип

Откако беа објавени огласите за упис во прва година за учебната 2020/2021 година, средните училишта меѓу кои и штипското СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“, ги истакна условите за упис.

Според официјалните информации, за наредната учебна година, превидено е да се запишат 238 ученици, кои според наставните планови и програми за гимназиско образование ќе бидат распределени во седум паралелки.

Првото пријавување во јунскиот уписен рок започнува веќе од наредната недела, поточно на 16 и 17 јуни, второто пријавување ќе биде на 24 и 25 јуни, а третото на 29 јуни, во периодот од 7 до 19 часот. Приемот на документи за запишување ќе се врши по азбучен ред.

До почетокот на наредната учебна година, за која се` уште е неизвесно на кој начин ќе се одвива, раководството и наставниот кадар на штипската гимназија се подготвуваат за новите, но и учениците кои веќе се образуваат во истата, изјави за mnet.mk, Тамер Јамаковски – в.д. директор на СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ – Штип .

Тамер Јамаковски – в.д. директор на СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ – Штип

-Во секојдневен контакт сме со МОН од каде ги добиваме дирекциите за тоа како ќе се одвива наставата наредната година, но со оглед на ситуацијата, доколку не се најде начин да се стави под контрола вирусот КОВИД 19, најверојатно ќе почнеме со он-лајн настава. И покрај тоа, ние правиме напори просториите во зградата на СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ да се соодветни за потребите на учениците, но и на наставничкиот кадар.

Кабинет по информатика во СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ – Штип

Во изминатиов период, извршивме внатрешно уредување, од страна на родител на бивш ученик беа донирани десет компјутери за потребите на кабинетот по информатика, а исто така, еден наш, некогашен ученик во гимназијата, кој во моментов е на привремена работа во САД, донираше средства со кои обезбедивме ЛЦД проектор, за што сме им бескрајно благодарни – изјави в.д. директор на гимназијата, Тамер Јамаковски.

Како релативно млад човек, 36 годишниот Јамаковски, пред неколку месеци го презема директорското место од неговиот претходник, Ристе Петковски, кој 17 години директоруваше со штипската гимназија. За оваа прилика, која неочекувано му беше укажана на Јамаковски, тој самиот истакнува дека ќе продолжи да работи со исто темпо како неговиот претходник, бидејќи, како што вели, младите се тие кои треба да го продолжуваат делото на повозрасните.

Како професор по историја во оваа образовна институција, Јамаковски се повика токму на историјата и истакна дека во далечното минато многу пати се случувало претходниците да остават одлична подлога за уште подобар понатамошен развој, како што направиле Филип за Александар Македонски, и султанот Селим за Сулејман Величенствениот. Истото, вели Јамаковски, го стори мојот претходник, Ристе Петковски за мене.  

-Ми остави етаблирана институција, за која децении наназад само добри зборови се слушаат, институција во која секоја година завршуваат одлични ученици, кои продолжуваат да жнеат успеси. Сепак, како професор по историја, предавајќи им на учениците, низ годините, директно бев запознат како со добрите страни, така и со нивните проблеми, потреби и интереси. Токму тоа, остварување на дел од нивните барања и подобрување на условите за непречено реализирање на наставата, се приоритет во овој период за мене – потенцираше Јамаковски.

Истакна дека, секоја сугестија, се` што е за доброто на гимназијата ќе се прифати, и тоа без разлика дали доаѓа од страна на учениците или вработените. Во секојдневен контакт со колегите, добива информации за се` што е потребно, посебно поради тоа што и тие самите очекуваат промени.

Станува збор за 59 вработени, од кои 47 професори, но и 600 ученици, кои минатата учебна година беа дел од образовната програма.

-Имам доверба во целиот кадар со кој раководам. Тоа се колеги-професори, кои се вистински професионалци и низа години наназад го креираа имиџот на гимназијата што ќе се обидам да го задржиме. Заедно со нив очекувам да реализирам се` што е предвидено со развојниот план, но и во однос на инфраструктурата, нешто кое за сега е неизводливо со оглед на ситуацијата со КОВИД 19. Има неколку точки околу кои требаше да се фокусираме – да се обнови дотраениот паркет, да се замени дел од кровната конструкција и да се изврши санација на санитарните чворови, што е важно пред се` за учениците, за нивното здравје, бидејќи тие поголемиот ден од секојдневието го поминуваат во гимназијата.

За учениците од непроценлива вредност беше тоа што во оваа ситуација со короната во време на on-line настава го реализиравме настанот што беше организиран од EUHOUSE, на кој во on-line дебата имаа можност да дискутираат за нивните видици за Европската Унија заедно со амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар и амбасадорот на кралството Шпанија, Н.Е. Емилио Лоренцо Сера – вели Јамаковски.

Иако се` уште е в.д. директор, бидејќи во изминатиов период немаше услови, како што вели да полага за сертификатот за директор, Тамер Јамаковски сепак прави напори за доброто на најстарата образовна институција во Штип, за што има голема поддршка од локалната власт. Веќе биле најавени, според него, огромни финансиски средства, кои ќе се инвестираат за подобрување на условите.  

-Не очекуваме да се вивнеме во небесата, барем да се искачиме неколку скалила погоре во целокупната функционалност на гимназијата и воопшто образовниот систем во неа. Освен со локалната власт, ќе ја продлабочиме соработката со бизнис секторот, а во план е да аплицираме и за грантови од странски фондации за набавка на материјали за уште подобар тек на наставата, се` со цел да ги поттикнеме децата да бидат креативни и со нивното понатамошно учество на што повеќе натпревари да покажуваме уште подобри резултати, не само на локално, туку и на државно, а зошто да не и меѓународно ниво – истакнува Јамаковски.

Во исчекување на смирување на ситуацијата со корона кризата, в.д. директорот Јамаковски е целосно посветен на развојниот план, односно, се разгледува постоечкиот и се прават нови стратешки цели за наредните три години. Нешто, кое како што самиот потенцира, воопшто не му е тешко, бидејќи мотивацијата да ја врши оваа функција е преголема. Се стреми да ги оправда очекувањата на сите од него, а пред се`, достојно да ја исполни последната желба на неговиот веќе починат татко, кој потајно се надевал токму неговиот син да биде директор на оваа престижна образовна установа.

Затоа, во чест на родителот и со респект кон сите кои го поддржуваат, Тамер Јамаковски рече дека во наредните години ќе даде се` од себе за одговорно, принципиелно и достоинствено да ја исполни последната желба на неговиот татко – да биде пред се` човек, а потоа директор каков сите очекуваат од него.

Билјана Постолова / МНет