
Штипската противпожарна единица има возен парк кој е меѓу двата најнови во земјата, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Според истото, возилата се просечно стари по 12 години, а веднаш по Штип е уште еден град од Истокот, Берово, но таму просечната старост на возилата е речиси двојно повисока, односно 21 година. Колку за споредба, најстарото противпожарно возило е во Валандово, камион стар 57 години. Дека штипската противпожарна единица располага со нова и квалитетна опрема, потврдува и командирот, Дарко Коцев, според кого, во Штип најстарото возило е 12 години, а најновото само две.
„Моментално Противпожарната единица располага со шест противпожарни возила, од кои три се за урбана средина, едно противпожарно возило е специјализирана со сообраќајки и технички интервенции и имаме две противпожарни возила џипови кои се за шумски пожари со кап-систем. Од опрема моментално имаме дувалки кои се со комбинација на вода, исто така за шумски пожари, стабилизатори за сообраќајки и земјотреси и опрема – одела за урбани средини и исцело одело за шумски пожари со шлемови и чизми. Најстарото возила ни е околу 12 години, а новите возила се две години“, вели Коцев.
Бројот на пожарникари во штипската противпожарна, пак, е 33, што е приближно до законскиот минимум кој е определен според Законот за пожарникарство и измените на овој закон, а кои предвидуваат во општините со над 24.000 жители да има еден професионален пожарникар на 1.500 жители. Според последниот Попис во 2021 година, регионот кој го покрива ТППЕ Штип, односно општините Штип и Карбинци, има 51.808 жители.
„Па да, моментално е доволно. Ние располагаме со 33 пожарникари-спасители“, додава Коцев.
Меѓу општините кои имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум е Делчево, која има четири пожарникари од минимумот.Без оглед на овој законски минимум, ако се земе предвид еден од најчесто користените критериуми, бројот на пожарникари на 1.500 жители, Делчево е и меѓу подобрите единици со по два пожарникари на 1.500 жители, што важи и за Македонска Каменица.
Ребека Спасова М-Нет