
Како за Божиќ, водосвет е неопходен и во текот на велигденскиот пост. Водата како материјален елемент со широка употреба и богата симболика, поврзана со животот и без неа нема живот. Таа која го уништува старото и создава новото; таа чисти, па затоа се употребува во сите ритуали за очистување и осветување на луѓето.
Библијата изобилува со настани каде што тајната на човечкото спасение е поврзана со водата, како што се Потопот, минувањето преку Црвеното Море, карпата со вода во пустината Синај, реката Јордан и други. Преку крштевање во Јордан, Господ Исус Христос ја осветил природата на водите и им заповедал на Своите следбеници да ја користат водата за крштевање.
Осветувањето на водата е миг во кој преку молитвите, призивот на Светиот Дух и крстообразно благословување преку крстот и раката на свештеникот, таа се осветува и станува „лек за душите и телата и ја протерува секоја спротивна сила“.
Има неколку видови на водосвет
-Големиот водосвет се врши двапати годишно – во пресрет и на празникот Богојавление.
-Малиот водосвет во домот може да се направи било кога, но особено во време на четирите големи пости: Велигденски, Петрови, Богородични и Божикни, или за време на домашните слави Потоа, кога човекот има некакви проблеми во домот, неволји, немир, болести, треба да користи осветена вода.
Пред да дојде свештеникот во домот, домакинот треба претходно на масата да има чист чаршав, длабока чинија со чиста вода, свеќник за свеќата, кадилнице со жар, и лист со имињата на домашните, кои живеат во тој дом и имиња на оние кои се болни.
Во текот на големата молитва свештеникот се моли да дојде Светиот Дух и да ја освети водата, да даде сила за очистување, за лекување на душата и телото, за изгонување на секоја демонска сила, за да се даде благодат за избавување и благословување на водата од реката Јордан, за помош и заштита, за просветување со духовна светлина.
По осветувањето, водата се собира во шише или некој друг чист сад, и се користи по потреба, а може и секојдневно да се пие по малку од неа, за да се искористи во текот на една година.
Светата вода има голема сила, кога се прима со вера и доверба во Бог, но и со нашиот христијански живот. Се пие наутро, после нашите молитви. Најпрво парчето нафора , па потоа се пие по малку света вода. Да не се заборави и постот во среда и петок, како и четирите големи пости, кои служат за очистување на душата и телото, молитвите и читање на Светото Писмо секојдневно, како и исповедта. Практикувајќи го сето ова, потпомогнати од благодатта на светата вода, човекот се подготвува за Причестување со Телото и Крвта Христови на празникот Воскресение Христово. Ете, затоа се врши водосвет во текот на постот.
Иван Митев, М-Нет