ВМРО-ДПМНЕ: Демократското право на глас на иселениците и Изборниот законик, не смеат да бидат жртви на дневнополитички калкулации на СДС, Левица и ДУИ

„Јавноста во Македонија е сведок на целосна конфузија предизвикана од опозициските партии СДС, Левица и ДУИ. Првиот ден седнуваат и се договараат за Изборниот законик, а веќе следниот ден, откако ќе преспијат, го блокираат истиот закон за кој првично постигнале договор. Во јавноста пласираат одредени тези, а зад затворени врати, всушност, преговарале и преговараат за сосема други прашања“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Наместо да учествуваат во носењето на Законот со кој ќе се зголемат демократските права за остварување на уставно загарантираното право на глас, оваа дезориентирана опозиција, сака враќање назад и намалување на правото на глас на дијаспората.

Како ВМРО-ДПМНЕ и порачуваме на СДС, Левица и ДУИ, како што се договорија да го блокираат, да седнат и да се договорат што сакаат од Изборниот законик, а како владејачко мнозинство ќе прифатиме се што ќе побараат, само да се прошири и унапреди правото на глас и дијаспората да гласа по пошта или електронски.

Прво нека се договорат меѓу себе, сакаат една изборна единица, нека договорат и модел за финансирање, нека договорат и прифатлив начин за поплаките, а можат и да се договорат и да го изберат моделот за изјаснување, гласање, на дијаспората.

ВМРО-ДПМНЕ нема проблем да разговара за секое прашање што е важно за унапредување на политичкиот систем, за продолжување на реформите, за европската интеграција на државата и за интересите на сите граѓани, без разлика каде се наоѓаат.

Нашата определба е разговори и дијалог, а не блокади и сето она за што ќе се договорат овие опозициски партии и ќе го понудат до нас, ние тоа ќе го прифатиме. Демократското право на глас на македонските иселеници и Изборниот законик, воопшто, не смеат да бидат жртви на дневнополитички калкулации.

ВМРО-ДПМНЕ е подготвено веднаш да седне на маса и да разговара во интерес на државата и на сите нејзини граѓани, доколку СДС, Левица и ДУИ изградат единствен став и покажат искрена волја за договор“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Текстот ВМРО-ДПМНЕ: Демократското право на глас на иселениците и Изборниот законик, не смеат да бидат жртви на дневнополитички калкулации на СДС, Левица и ДУИ е превземен од МАКФАКС.