
По неколку месеца работа влезот на село Таринци има нова уредена паркова површина. Околу постоечката пешачка патека просторот е хортикултурно уреден и веќе е зелена површина. Површината пред тамошната градинка, пак, е поплочена со бекатон. Според градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, станува збор за проект кој го разубавува влезот на општината.
„На влезот од општина Карбинци реализиравме проект којшто е од суштинско значење за овој дел, а тоа е уредување на ова место, коешто наликуваше на напуштено и несредено место. Имено, се работи за зелена површина, зелен парк, којшто е со површина од 2000 м2 и просторот до него. Се надевам дека со самото ова ќе го подобриме ликот на влезот во општина Карбинци и овде околу населените места коишто гравитираат покрај регионалниот пат. Изведувањето на овој проект е финансирано и поддржано од Општина Карбинци и ЈП „Плачковица“, се работи за минимални средства со што не направивме никакви дополнителни трошоци во однос на изведбата и на реализацијата“, истакна Паунов.
Патеката е со непроменета должина, а се работеше само на просторот околу неа. Екипи на ЈП „Плачковица“ површината ја уредуваа неколку месеца, со што, како што додаде Паунов, веќе се подобрува ликот на општината преку инвестирање во зелени површини.
Ребека Спасова М-Нет