Влезовите на станбените згради во населбата Осми ноември добија асфалт, активностите продолжуваат

Влезовите од станбените згради и неколку паркинг-позиции во штипската населба Осми ноември денеска добиваат асфалт. Продолжува реализацијата на Програмата за уредување на градежно земјиште, вели градоначалникот, Иван Јорданов. Посочи дека по уредувањето на тротоарските површини, за оваа улица е предвидена и активноста која се реализира денеска, а од овде ќе продолжат и на улицата „Енгелсова“.

„Од денес започнуваме со асфалтирање на паркинг-позиции и уредување на влезовите од станбените згради. По завршувањето на активностите на бул. „ЈНА“, предвидено е да се уредуваат и тротоарските површини на ул. „Енгелсова“ во населбата Осми ноември, како и станбените влезови. Очекувам до крајот на овој месец да се завршат сите активности коишто се предвидени за една од најурбаните населби во нашиот град, а се во рамки на Програмата за уредување на градежно земјиште“, истакна Јорданов.

На терен се екипите на комуналните претпријатија и економскиот оператор. Јорданов посочи дека тие соодветно ќе одговорат и на одредени комунални потреби и барања на жителите. Апелираше на трпение, додавајќи дека ќе се одговори на барањата во секоја населба, или до крајот на оваа или во текот на следната календарска година.

„Со години наназад жителите имале потреба за уредување на просторот пред станбените згради, хортикултурно уредување, поставување на клупи, кастрење на дрвјата коишто се наоѓаат пред станбените згради, за осветлување има барање, коешто се надевам дека ќе биде реализирано. Ова се комунални потреби на граѓаните коишто се трудиме во рамките на своите капацитети и можности да ги реализираме, не само овде, туку секојдневно во секоја населба. Граѓаните можат да забележат дека секојдневно се работи, бараат нивната населба да не биде изоставена, а јас замолувам за трпение. Ве уверувам дека сите населби се планирани, сите запоставени, руинирани улици и тротоари се планирани, сигурен сум дека ќе дојде време кога ќе бидат реализирани“, додава Јорданов.

За активностите во населба Осми ноември издвоени се неколку милиони денари, но сумата дополнително ќе се утврдува со оглед на тоа што активностите сѐ уште траат.

Ребека Спасова М-Нет