Владата на денешната седница донела одлука за формирање Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, кој ќе има задача да ја следи состојбата со безбедноста на медиумските работници и да изработи Национален акциски план најдоцна до 15 декември 2026 година, соопшти владината портпаролка Марија Митева.
Според Митева, со оваа одлука се воспоставува механизам за координација меѓу надлежните државни институции и медиумските организации, со цел спречување закани и напади врз новинарите и обезбедување услови за непречено извршување на нивната работа.
„Безбедноста на новинарите не смее да биде тема само доколку се случи инцидент, обврската на институциите е да дејствуваат навремено, да ги препознаваат ризиците и да обезбедат соодветна заштита“, изјави Митева.
Националниот акциски план ќе опфати четири области: превенција, заштита, ефикасно гонење на сторителите и промоција и едукација.
Во делот на превенцијата, акцентот ќе биде ставен на медиумскиот плурализам и дијалогот со медиумите, додека заштитата ќе опфати механизми за итна реакција, полициска и правна поддршка, вклучително и заштита од закани во дигиталниот простор.
Планот ќе предвиди и подобра соработка со надлежните органи за навремени истраги и санкционирање на сторителите на напади и закани кон новинарите, како и обуки и активности за подигање на јавната свест за значењето на новинарската професија.
Во Комитетот е предвидено да учествуваат претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонската радио-телевизија и Здружението на новинарите на Македонија.
Комитетот ќе ја поддржи и националната примена на кампањата „Новинарите се важни“ на Советот на Европа.
Митева порача дека институционалната заштита мора да биде еднаква за сите новинари, без селективност, и нагласи дека власта има право да одговори на критиките, но тоа треба да го прави со факти и транспарентност, а не со притисоци.
„Вие имате право да прашувате, ние имаме обврска да одговараме. Вие имате право да ја преиспитувате работата на институциите, ние имаме обврска да ја образложиме“, им порача Митева на новинарите.
Текстот (Видео) Владата формира Национален комитет за заштита на новинарите е превземен од МАКФАКС.