Вкупно 45 голмани од Србија, Македонија и БиХ се дел од зимски голмански камп во Штип

Околу 45 голмани од Србија, Македонија и Босна и Херцеговина денеска се на првиот Меѓународен зимски голмански камп „Пријателство“, кој се одржува во Штип. Голманите кои се на возраст до 17 години ги тренираат четири тренери од трите држави, кои и претходно имале ваква соработка на други кампови, во други градови од овие држави.

„Идејата за овој камп е од нашата долгогодишна соработка со тренерите од Србија и од Босна, нашите покани со кои одиме на камповите во соседните држави, па одлучивме на нашите деца од Македонија најдобро да претставиме тука тоа што сме го научиле“, вели организаторот и тренер, Дарко Денков.

Основни техники, дисциплина и насоки во однос на тоа како понатаму треба да продолжат да работат, ова се дел од нештата кои тренерите им ги пренесуваат на голманите. Тренерот Милан Бурсаќ вели дека нема стереотипи помеѓу момчињата и девојчињата, зашто тренингот е ист за сите голмани.

„Има доста добри голмани, повеќето од нив. Сега малку е тешко да се процени за овие мали голмани, но овие повозрасните веќе има голмани кои се издвојуваат и кои можат да направат добри кариери, но тоа, секако, зависи од нив, а ние сме тука да ги учиме, да ги советуваме колку што можеме, колку што знаеме, а другото е до нив. Не правиме разлика помеѓу женски и машки голман, во принцип тренизите се исти, само што има една изрека која ние тренерите сакаме да ја кажеме за девојчињата, а тоа е – тренирај ме како момче, а третирај ме како дама“, вели тренерот Милан Бурсаќ.

Ниту девојчињата не чувствуваат дискриминација или постоење стеротипи, што било случај претходно. Учесниците на овој камп, кои и претходно биле дел од вакви кампови, велат дека тука се учат многу нешта, но важно е и другарувањето.

„Па онака… Има баш малку, но не толку колку што имаше во претходниот период, порано беше поизразено. Сега кажувам голман сум и велат – е, супер. Подобро е отколку што беше претходно, и тоа многу подобро. Овде се учат доста нешта, особено во однос на работата, дисциплината. Учиш да бидеш голман, но се изградуваш себеси како човек“, рече Барбара Петровиќ, учесник на Кампот.

„Бев јас на повеќе кампови, искуствата се добри, добри тренери, условите секогаш биле добри, и тренизните исто така. Пред сѐ, за да тренирам, а, секако, и поради дружењето, да научам нешто ново“, вели Давид Павиќ, учесник на Кампот.

Меѓународниот зимски голмански камп „Пријателство, 2024“ се одржува во периодот од деветти до петнаесетти јануари.

Ребека Спасова М-Нет