
Овој викенд ќе започне пролетната полусезона во Втората женска фудбалска лига со натпреварите од 8. коло. Во пролетниот дел Атлетико и Вардар ќе се борат за првото место кое директно води во Првата лига.
Утре со почеток од 12 часот во Скопје ќе се соочат Вардар и Билјанини Извори од Охрид во меч каде домашниот тим предводен од Теодора Димитровски ќе биде апсолутен фаворит за трите бодови.
Во Валандово со почеток од 12 часот ќе играат Победа и Борец во дуел за втор сезонски триумф, а пак во 15:30 часот на Градскиот стадион во Радовиш ќе се соочат Плачковица и Атлетико во меч каде лидерот од Битола е апсолутен фаворит.
Во недела во Македонски Брод ќе се соочат „фенерџијата“ Порече и Кочани во дуел каде гостинот ќе биде фаворит за трите бодови.
Во однос на табелата лидер е Атлетико со максимални 21 бод, Вардар е втор со 18 бодови, Кочани и Плачковица го делат третото место со по 13 бодови, Билјанини Извори е на 5. место со шест бодови, Победа и Борец го делат шестото место со по 4 бодови, а на дното е Порече со само три бодови.
Првопласираниот тим директно оди во Прва лига, а пак второпласираниот игра бараж за влез во Прва лига.
Александар Ванев, М-Нет