Василичарскиот оган во населба Железничка вчеравечер се запали по 31. пат

Василичарскиот оган вчеравечер по 31. пат гореше во штипската населба Железничка. Празникот Василица и Стара нова година беа прославени со пригодна програма, која вклучуваше музика, топли пијалоци и традиционало кршењето лепче со паричка. Стариот кум посака среќа и благослов на сите присутни, а новиот истакна оти очекува паричката да му донесе многу среќа.

„Благословен ден, благословен настан, кумството значи голема радост, чест, задоволство и среќа, најпрво кај мене, во мојата фамилија, и се надевам, кај сите кои се присутни овде. Настанот го започнаа нашите предци, кои веќе не се меѓу нас, ама на нас останува да го пренесеме тоа на нашите генерации“, истакна стариот кум, Атанас Крстовски.

На традиционалниот настан освен жители од населбата, присуствува и директорите на јавните претпријатија, претседателката и советници од Советот на Општина Штип и други претставници на локалната власт, а гостин на настанот беше и Влатко Ѓорчев, кој за претстојната година посака здравје, љубов и среќа.

„Убава традиција, туку се граѓаните, тука е народот, македонските традиции ги почитуваме, Штип е центарот на Источна Македонија, така што, навистина, убаво е да се биде тука со македонски песни, со македонски обичаи и со македонскиот народ. Очекувам здравје, љубов, среќа. Звучи како клише, како нешто што многу го повторуваме, но, навистина, навистина, на сите тоа ни треба“, истакна Ѓорчев.

Огнот кај Железничката станица во населбата се пали од 1992 година, а тамошните жители се со желба ваквата традиција да се продолжи.

Ребека Спасова М-Нет