
Судскиот совет избра нови претседатели на основните судови во Гостивар, Дебар и Свети Николе, а воедно донесе и одлуки поврзани со постапките за избор на претседатели на Апелацискиот суд Скопје и Основниот суд Струга.
Во Основниот суд Свети Николе, во наредниот период со судот ќе раководи Валентина Буровска, која беше единствен кандидат на објавениот оглас за избор на претседател.
Со одлуката на Судскиот совет, Буровска ќе ја преземе функцијата прв човек на судот во Свети Николе.
На истата седница беа избрани и претседатели на Основниот суд Гостивар и Основниот суд Дебар. За претседател на Основниот суд Гостивар е избран досегашниот вршител на должност Мирослав Петровски, додека со Основниот суд Дебар во следниот период ќе раководи Оруч Абазовски.
Судскиот совет ги усвои и извештаите на Комисијата за проверка на пријавите за претседателските места во Апелацискиот суд Скопје и Основниот суд Струга, при што е констатирано дека сите пријави се навремени и комплетни.
За претседател на Апелацискиот суд Скопје во следната фаза продолжуваат судиите Зоран Герасимовски и Лидија Зимбовска, додека единствен кандидат за претседател на Основниот суд Струга е Танче Петревски.
На седницата бил усвоен и извештајот од работната посета на Основниот кривичен суд Скопје.