Буџетот за 2022 година на КБ Штип – 530 милиони денари, болницата „технички“ ќе функционира

Донесен Буџетот на Клиничка болница Штип за тековната 2022 година. Споредбено со претходната година намалување на истиот нема, вели првиот човек на болницата, доктор Ален Георгијев, но за прв пат годинава нема да се издвојат средства од Буџетот за набавка на нови апарати. Ова се должи пред сѐ на долговите кои се останати од претходната година, со што оваа година ќе биде година на „техничко“ функционирање на болницата.

„Буџетот не е намален во однос на минатата година, зголемен е за 20 милиони денари, бидејќи парите согласно одлуката на Министерството да и приватните специјализанти добиваат плата, ги пуштаат парите кај нас и ние им ги препраќаме на нив. Значи, тие се покриени во целост, пуштени се парите за 5% зголемување на платата на сите вработени и дадени се дополнителни 20 милиони. Од тие 20 милиони денари, 10 милиони се наменски на одделот за Кардиологија, ако беше 24 милиони сега е 34 милиони денари“ – кажа Георгијев.

Долговите се останати заради ковид пандемијата, дециден е Георгијев. Како сериозен ковид центар не се случи да нема ниту еден хоспиталиизран ковид пациент, па од овде произлегуваат и најголемите потрошувачки на болницата.

„Владата донесе одлука да ниту еден пациент без разлика дали е осигуран или не, да не му се наплаќа ниту еден денар партиципација. Тоа се големи средства, многу пациенти поминаа, многу трошоци се направија и е неминовно дека пораснаа трошоците на болницата“ – додаде Георгијев.

За оваа година Буџетот на Клиничка болница Штип е 530 милиони денари и со истиот ќе се прими неопходниот кадар и сѐ она што е неопходно за нормално функционирање на болницата.

Лаура Стојанова М-Нет