Брегалница со голем триумф над Новаци, Беласица со минималец над Детонит Плачковица, Осогово со пораз

Натпреварите од 19. коло во Втората македонска фудбалска лига донесоа многу возбудувања, бројни погодоци и важни резултати во борбата за врвот и за опстанокот.

Во дербито на Истокот, Беласица славеше минимална победа на гостувањето кај Детонит Плачковица во Радовиш со 0:1. Стрелец на единствениот гол беше Живко Крстев, а со овие три бода струмичани направија чекор напред на табелата.

Брегалница запиша значајна победа на гостувањето кај Новаци со 1:3 и ја прекина добрата серија на домаќините. Штипјани рано ја презедоа контролата и дојдоа до сигурна предност, која на крајот ја претворија во важни три бода. За Брегалница стрелци беа Талески, Карчески и Масевски, за домашниот тим Љамчевски.

Каменица Саса, пак, славеше минимална победа над Вардар Неготино со 1:0 благодарение на погодокот на Бурим Алиев. Со овој триумф „рударите“ го зацврстија местото во зоната за бараж.

Тетекс дојде до убедлива победа на гостувањето кај Слога во Виница со 0:3. Тетовци одиграа сигурен натпревар и со новите три бода се приближија до целта – обезбедување бараж за опстанок.

Во Скопје, домашниот тим на Скопје беше подобар од Осогово и славеше со 2:0. Со оваа победа скопјани остануваат сериозен кандидат во трката за директен пласман во Првата лига.

Најубедливата победа ја забележа лидерот Охрид, кој на стадионот „Билјанини Извори“ ја декласира Победа со дури 10:0. Давид Матески беше најефикасен со четири погодоци, а по два постигнаа Абдулхади Јахја, Наумче Бакрачески и Игор Јаневски.

Интересен натпревар се одигра и во Ресен, каде Кожуф направи пресврт и славеше против Преспа со 1:3, со што гевгеличани ги задржаа шансите за директен опстанок во лигата.

Колото ќе биде комплетирано утре со натпреварот меѓу Големо Коњари и Шкендија Арачиново.

Александар Ванев, М-Нет