Брегалница се врати на врвот, ќе биде неизвесно за местата кои водат кон Прва лига!

ФОТО: М Нет телевизија

Вчера се одиграа натпреварите од вонредното 10. коло од Втората лига, а пред второлигашите одново е згуснат распоред, особено за Арсими и Детонит Плачковица кои имаа и Куп натпревар.

На врвот од табелата ќе биде вистинска мешаница, сега Брегалница е прва со 24 бодови, Македонија ЃП е втора со 23 бодови колку што има и Башкими кој е трет односно во баражот зоната, откако Брегалница беше пресилна против Борец со 4:0, „лавовите“ одиграа нула во Радовиш со Детонит Плачковица, а пак Башкими во меч кој го следевте на М Нет Спорт славеше убедливо над Вардарски со 0:3.

Арсими одигра реми со Кожуф во Гевгелија и ги поделија бодовите со што Арсими е на 4. место со 20 бодови. Овој меч можевте да го следите на М Нет телевизија, каде исходот беше 1:1, а Кожуф не успеа да реализира пенал, а гостинот од 65. минута беше со играч помалку на теренот.

Арсими сакаше три бодови во Гевгелија, мечот во однос на тој од Купот сега имаше поголема борба, Арсими сака да прави притисок во трката за местата кои водат кон Прва лига, на крај мораше да се задоволи со бод.

Охрид има шест од шест откако во Кочани славеше над Осогово со 0:2 со што „жетварите“ влегоа во уште подлабока резултатска криза. Младата екипа на Беласица стигна до трета низа во победа откако славеше со 0:2 над Скопје и тоа во Автокоманда, Саса ја декласираше Победа со 4:1, Вардар Неготино конечно се израдува на второто сезонско славје откако го доби Новаци со 3:1 на домашен терен.

Брегалница и натаму е непоразен лидер, а пак Вардарски единствен без триумф.

Александар Ванев, М-Нет