
Од 22. коло на Втората лига најмногу добија екипите на Брегалница и Арсими, откако водечките Македонија ЃП и Башкими ремизираа и ги поделија бодовите.
Лидерот Македонија ЃП во Кочани одиграни 0:0 со Осогово, а пак Башкими исто така играше нула со Победа и со тоа дојде само до бод. Двете екипи и натаму се на првото односно второто место со по 49 бодови, но сега Брегалница која е трета или во бараж зоната има 47 бодови и доаѓа на два бодови негатива од првите две места кои директно водат кон Прва лига, а пак Арсими кој во два дена го одигра мечот со Вардарски е на 4. место со 45 бодови. Сега и тимот од Чегране е во ситуација и за директен влез во Прва лига.
Продолжението од сезоната, а останаа уште осум кола ќе понудат неизвесна трка за кои две екипи директно да влезат во Прва лига, која екипа да игра бараж, а која од овие четири екипи ќе извини од трката за Прва лига.
Од петтото до десеттото место има само три бодови разлика или во превод тоа значи дека една победа може да направи промени на средишниот дел од табелата. Скопје е на петтото место со 34 бодови, по 32 бодови имаат Детонит Плачковица, Каменица Саса и Охрид за делба на шесттото место, а пак Кожуф и Беласица со по 31 бод го делат деветтото место.
На делба на 11-тото место се Победа и Новаци со по 23 бодови, Вардар Неготино останува на 13. место со 21 освоен бод, а пак Осогово е во бараж зоната со 17 бодови. Овие екипи ќе ја водат трката за директен опстанок во Втора лига.
Борец е во зоната за директно испаѓање со десет поени, а пак на дното е Вардарски со осум бодови и овие две екипи се главни кандидати за директно испаѓање во Трета лига.
Овој викенд ќе бидат одиграни натпреварите од 23. коло на Втората македонска фудбалска лига, а ќе продолжи и натаму неизвесноста околу местата за Прва лига како и за за опстанок во Втора лига.
Александар Ванев, М-Нет