Брегалница го држи врвот во Втора лига, конкурентите со минус два бода од „сините“

Нема промени во врвот на Втората македонска фудбалска лига, 25. коло не направи речиси никакви промени, останува како што беше и претходно, а фаворитите одиграа според планот, практично оваа рунда не донесе изненадувања.

Брегалница го доби дербито во Радовиш каде со 0:1 славеше над Детонит Плачковица, благодарние на голот на Бојан Рајков, со што штипјани го продолжуваат патот кон Прва лига, односно остануваат на врвот со 56 бодови, а зад „сините“ се Охрид, Скопје и Шкендија Арачиново со по 56 бодови односно конкурентите на Брегалница имаа високи победи.

Охрид со 6:1 ја доби Преспа, Скопје со 7:0 славеше над Саса, а пак Шкендија Арачиново со 5:0 ја доби Победа.

Стрелецот на победничкиот гол во Радовиш, Бојан Рајков, за М Нет телевизија истакна дека чекор по чекор одат кон целта и се надева дека на крај заедно ќе го прослават влезот во Прва лига, што е цел на Брегалица оваа сезона.

Единствен меч без погодоци беше тој во Струмица каде Беласица и Кожуф одиграа 0:0, а тоа значи дека Беласица останува петта со 49 бодови, Осогово кој го доби Тетекс со 2:1 се врати на шестото место и сега отворено го напаѓа петтото место, со тоа што „жетварите“ имаат 47 бодови, а пак радовишани сега се седми со 44 бодови.

Новаци славеше со 1:2 над Големо Коњари и останува осми со 43 бодови, седум повеќе од бараж зоната каде е Кожуф со 36 бодови, десетти е Тетекс со 33 бодови, а пак Саса е 11-та со 29 бодови.

Во зоната за директен испаѓање нема промени. Вардар Неготино сам си пресуди и ја реши својата судбина да испадне во Трета лига – Југ, откако одигра 3:3 против Слога Виница, откако испушти два гола предност.

Тимот од Неготино е на 12. место со 19 бодови, Преспа е место подолу со 12 бодови колку што има и Слога Виница која е на 14. место. Победа е претпоследна со 11 бодови, на дното е Големо Коњари со седум бодови.

Александар Ванев, М-Нет