Бочварски ќе ја практикува ренесансната матрица во Транспорт и врски

Во исчекување на собраниска верификација на синоќешната партиска одлука на извршниот одбор, која беше потврдена на партискиот централен одбор на СДСМ, архитектот Благој Бочварски  самоуверено го прифаќа предизвикот за министерска фотелја.

По долго време, Штип, познатиот на веродостоен политички барометар, сосема извесно е дека ќе лансира министер во извршната власт, во секторот Транспорт и врски.

Благој Бочварски е едно од трите имиња на министри, кои произлегуваат од третата изборна единица, во која СДСМ не победи на последните парламентарни избори. Дали политичката стратегија на  државно ниво, преку именувањето на новите три министри, значи поголема посветеност, поголеми проекти со владина финасиска поддршка, поголеми инвестиции, кои на некој начин ќе бидат гаранција за поголема гласачка подржаност на Социјалдемократската опција, ќе покаже времето.

Конкретно Бочварски, кој изминативе три години беше татко на градот, изјави дека во негово време Штип доживеал ренесанса. Истата пракса ќе ја имплементирал на државно ниво, имал перспективни планови за препородба на позначајната инфраструктура и се што е во надлежност на Министерството за транспорт и врски.

Она што меѓудругото им го вети на штипјани е браната на река Отиња, тридецениската илузија презентирана како негова конечна   проекција.

Бочварски не соопшти кој ќе ја заврши неговата локално–ренесансна мисија, што остави простор за шпекулација дека негов заменик сепак ќе биде советникот Јане Миланов, се до октомври или ноември 2021 година, кога ќе се одржат редовни локални избори.