Болки во вратот, половината, ревматолошки заболувања – како ги лекува кинеската медицина?

Луѓе со болки во вратот, половината, пареза на лицевиот нерв и мигренозни болки најчесто се одлучуваат за лекување со кинеска медицина. Центарот за традиционалната кинеска медицина во Штип е единствен од ваков тип во Источниот регион и кај нас е како дел од алтернативната медицина, која во Кина датира 2500 години и која народот таму ја практикува со векови. Но што е традицоналната кинеска медицина и на кој начин таа го опоравува телото кое има каков било вид на болка?

„Самото тело се изборува со проблемот и што традиционалната кинеска медицина не го лекува само симптомот, туку го лекува почетокот, од таму каде што се јавува болката т.е. заболувањето. Тоа е и целта на третманите со тоа што самото тело се изборува против симптомите. Секогаш симптомот само ни е знак дека постои некој проблем или дисбаланс на таа „чи“ енергија во меридијаните во телото. Кога ќе дојде до нејзин баланс со примена на одредени техники од традиционалната кинеска медицина, тогаш знаеме дека ќе дојде и до оздравување“, вели Билјана Ангеловска-Милановски, специјалист физиотерапевт.

Пациентот кој доаѓа во Центарот за традиционална кинеска медицина потребно е да има извештај од лекар-специјалист, но проверка и преглед, кои вклучуваат анамнеза на пациентот, палпација и останати методи кои се користат за испитување и испрашување на пациентот за неговата состојба, се вршат и во Центарот. Потоа следи примената на методите за третман.

„Во традиционалната кинеска медицина имаме повеќе методи за третман, на пример, акупунктура, тоа е вметнување игли во специфични акупунктурни точки коишто се распространети долж меридијани во телото во коишто имаме витална енергија „чи“. Исто така, практикуваме капинг-терапија или терапија со вендузи, чашки, практикуваме терапија со гваша, тоа е посебна масажна техника од традиционалната кинеска медицина. Употребуваме моксибустија, што е загревање на акупунктурна точка, и електроакупунктура“, додава Ангеловска-Милановски.

Периодов најинтензивирани се ревматолошките заболувања, а советот е луѓето да не чекаат, туку при појава на првите симптоми да се обратат за каква било помош. Центарот за традиционална кинеска медицина е јавна установа под Министерството за здравство, која нема соработка со Фондот.

Ребека Спасова М-Нет