БК Киро Ристов се подготвува за нови домашни, но и меѓународни предизвици – општина Карбинци со силна поддршка!

Боречкиот клуб Киро Ристов од општина Карбинци во следиот период се подготвува за учество на домашните државни натпреварувања, но следуваат и меѓународни предизвици, откако овој млад клуб кој бележи големи резултати изминатиот период доби покана за учество на меѓународен турнир во Бугарија.

„Нас не очекуваат уште многу првенства веќе наредната недела имаме две првенства, исто така во Штип. Тоа се борачи до 17 години и до 23 години, а веќе третата недела ќе го имаме сениорското првенство каде што и тука исто така ќе учествуваме. Меѓутоа, тука нема да застанеме, бидејќи тоа се дел од домашните државни натпреварувања, понатаму следуваат меѓународни, веќе ни е упатена и првата покана да учествуваме на еден многу силен меѓународен турнир во Галабово, Бугарија, токму за оваа возрасна категорија – пионери, каде што треба да настапиме. И во текот на годината не очекуваат уште многу натпревари, меѓутоа сетоа тоа се должи на поддршката која ја дава градоначалникот Виктор Паунов бидејќи без него нема да можеме да го правиме оваа. Ги подобруваме условите за работа во клубот, меѓутоа тука е и од минатата година и министерството за спорт, кое на некој начин го крепи и го поткрепува спортот и борењето во Македонија. Мислам дека со таквата поддршка ќе успееме понатаму да направиме резултати“, вели Трајче Димков, тренер на БК Киро Ристов.

Клубот има силна поддршка од општина Карбинци, истакна Трајче Димков, но притоа се соочува и со големи предизвици во организацијата бидејќи децата се од повеќе населени места.

„Иако имаме многу предизвици бидејќи децата се од повеќе населени места, меѓутоа тоа што им треба на таквите рурални општини е да им се најде можност да во самите општини се организираат такви тимови, бидејќи доколку не би биле ваквите клубови, овие деца нема да можат сега да се натпреваруваат или ќе треба да патуваат во Штип, каде што ќе им биде потешко. Еве таква една можност која ја прави градоначалникот меѓу останатите градоначалници на ниво на регион и во Македонија да си формираат клубови каде ќе може да се анимираат дечињата во сопствените општини“, дополнува Димков.

Претходниот викенд, БК Киро Ристов забележа историски резултати со освоено прво место во екипна конкуренција на Државното првенство за пионери, а таму Леа Тасевска беше прва во поединечна конкуренција, а пак Павел Митев во машка конкуренција освои трето место. Младите борачи се задоволни од резултатите и силно мотивирани ќе се подготвуваат за следните предизвици.

Боречкиот клуб Киро Ристов од општина Карбинци силно мотивиран ќе продолжи и во иднина да носи големи резултати и да биде гордост на оваа мала рурална општина.

Александар Ванев, М-Нет