
Актуелниот шампион Баскет Кам ја запиша и втората победа во финалната серија од плејофот, совладувајќи ја екипата на Крива Паланка со 87:74. Со ова, тимот од Македонска Каменица поведе со 2-0 во серијата и е на само еден чекор од нова шампионска титула.
За разлика од првиот натпревар, второто финале понуди многу поефикасна кошарка, особено во првото полувреме, кое домашните го добија со убедливи 55:44. Гостинскиот тим успеа да се врати во третата четвртина и да го намали водството, но Баскет Кам повторно ја презеде контролата во завршницата.
Четвртата четвртина започна со резултат 66:60, но по само четири минути, домаќинките ја вратија двоцифрената предност и до крајот не дозволија изненадување, осигурувајќи ја втората победа од финалето.
Брилијантен натпревар одигра Ивана Кметовска со 33 поени, додека Адамовска, Максимовска и Димова додадоа 19, 17 и 14 поени. Кај Крива Паланка, Робинсон реализираше 26 поени, Мејклејни 20, а Ѓеоргиевска постигна 15.
Третиот натпревар се игра утре во спортската сала „Бранители 2001“ во Крива Паланка со почеток од 20:00 часот. Баскет Кам ќе има шанса да ја затвори серијата и да ја освои четвртата последователна титула во македонската женска кошарка.
Александар Ванев, М-Нет