Барикадите во Суитлак повторно создаваат нејаснотии, Јорданов вели – останува пешачка зона

Вчера тргнати, денеска повторно поставени, барикадите во населба Суитлак над ЗОО Паркот „Бриони“ повторно создаваат конфузија кај граѓаните. Дали станува збор за промена на намената на оваа сообраќајница или граѓанска интервенција прашавме во Општина Штип. Градоначалникот, Иван Јорданов, вели дека тој простор останува пешачка зона, а комуналните служби иако реагираат со полн капацитет, не секогаш успеваат во тоа.

„Дефинитивно, мораме сите заеднички да влијаеме на јавната свест, на граѓанската послушност, затоа што веќе подолг временски период одредени граѓани ги поместуваат барикадите коишто се поставени на оваа сообраќајница, а која е испланирано да биде пешачка зона. Ние како Локална самоуправа имаме соодветни комунални служби коишто се трудат во рамките на нивните капацитети да ја исконтролираат состојбата на терен на територија на општина Штип, но, верувајте, не секогаш успеваме во тоа“, вели Јорданов.

Јорданов апелираше до граѓаните да го почитуваат она што е предвидено. Посочи дека сите заедно треба да влијаеме на јавната свест за граѓанска послушност.

„Дефинитивно, мораме сите заеднички да влијаеме на јавната свест и на граѓанската послушност. Да не се доведуваме во ситуација да она коешто е предвидено не функционира заради граѓанска непослушност“, апелира Јорданов.

На оваа улица има и поставен сообраќаен знак за пешачка зона, а проблемот се провлекува најмалку две години. Граѓаните реагираа дека овде се реализираат и трки со мотори, ЈП Стипион неколкупати ги поставуваше барикадите, полициските службеници санкционираа непочитување на сообраќаен знак, но возачите повторно наоѓаа нова прилика сами да ги отстранат барикадите.

Ребека Спасова М-Нет