Андреј Велков се враќа дома – Брегалница доби старо-нов лев бек!

ФК Брегалница продолжува да го засилува тимот со штипски фудбалери, а најново име во составот на „плавите“ е Андреј Велков, кој се враќа на „Градски“ и повторно ќе го носи сино-белиот дрес.
Велков има 20 години и важи за модерен лев бек, кој подеднакво добро се снаоѓа и во дефанзивните задачи и во офанзивната прогресија. Го красат борбеноста, дисциплината, стабилноста и експлозивноста, а со своите 183 сантиметри и одличниот центаршут претставува сериозно решение по левата страна.
Младиот штипјанец во досегашната кариера, покрај Брегалница, настапуваше и за Брера Струмица и Тиквеш од Кавадарци.
Велков ги помина и сите младински репрезентативни селекции на Македонија до 19 години, а неодамна имаше одлични настапи и за репрезентацијата на Македонија до 20 години на Медитеранските игри во Таранто, Италија.
Со неговото враќање, Брегалница добива уште еден млад и перспективен штипски фудбалер, воедно продолжувајќи ја стратегијата за градење тим со играчи од сопствениот град.
Андреј Велков повторно е дома – време е за нови добри изданија во сино-белиот дрес!