
По обвинувањата на ВМРО ДПМНЕ, со одговор излегоа и од СДСМ Пробиштип. Кандидатот за градоначалник од СДСМ, Драган Анастасов, со слики вели дека има имот кој е на неговите родители и е стекнат пред 2017 година. Додава дека за него важи истиот Закон како и за сите граѓани.
„Фасцинантен е капацитетот на кујната на ДПМНЕ за лаги и манипулации. Разбирливо е кога немаш проекти да се трудиш да ќариш глас плус со комплетни лаги, ама да ве информирам, ова не е среден век, а пробиштипјани, за разлика од вас се писмени. Целиот имот за кој зборува ДПМНЕ, а кој е семејно наследство, стекнуван со генерации наназад и е во сопственост на моите родители, е стекнат пред 2017 година (доказ со слики под текстот) и има вредност колку месечните примања на брачниот пар Тоневски за помалку од 2 години Јас, за разлика од вас, немам стекнато имот на грбот на граѓаните, во моето семејство нема директори, за мене важи законот како што важи за секој еден граѓанин. Наместо да измислувате лаги, фокусирајте се што ќе правите откако ќе ги изгубите и овие избори. Пробиштип знае да препознае кој работи, а кој лаже. Пробиштип на 19 октомври ќе го одбере бројот ПЕТ“ – вели Анастасов.