Адаптација на телото пред „скокање“ по светитот крст и лесна храна советуваат лекарите

Здрави лица, без кардиоваскуларни болести или хронични заболувања, со регуларно поминат здравствен преглед – лекарите советуваат верниците да водат грижа за сопственото здравје утре пред да скокаат по светиoт крст. Задолжително да направат предглед пред да се пријават за овој свет чин и советуваат да се почитуваат препораките на лекарите.

„Пред се треба да бидат здрави, да немаат проблеми со срцето или хронични болести. Кандидатите кои се пријавуваат за овој свет чин поминуваат низ преглед, добиваат потврда од лекар дека можат да го направат овој чин, ама треба да направат и една адаптација на своето тело пред да скокаат во водите.“ – вели Митрова.

Лекарите посочуваат дека најважно е да се направи адаптација на телото пред да се влезе во водата со цел организмот да не добие неочекуван шок. Тоа значи дека телесната температура треба да се прилагоди на надворешната температура. Се препорачува лесно да појадуваат и да не консумираат алкохол.

„Во периодот пред да скокнат треба да направат адаптација односно телото да го адаптираат на водата. Треба да нанесат вода на телото неколку минути пред да скокнат и со тоа ќе ја спуштат телесната температура и полесно ќе го поднесат шокот. Препорачано е да носат тенки маици, и да не се консумира алкохол и тешок појадок“ – додава Митрова.

Доктор Митрова вели дека праксата покажува оти верниците кои скокаат по крстот пред се ги почитуваат препораките, и со тоа не се доведуваат во ситуација да му предизвикаат шок на телото.

Лаура Стојанова М-Нет