
Џејзер краставици од село Муртино продава чичко Митко на штипскиот пазар по цена од 70 денари за килограм. Оваа есенска сорта почнува да се подготвува уште во август месец, а првата берба пристигнува во октомври. Бидејќи не можат да успеат на отворено, тој ги одгледува исклучиво под фолија. За да добие квалитетен род, чичко Митко вели дека краставиците бараат постојано наводнување, ѓубрење и заштитно прскање.
Дека краставиците се свежи и квалитетни, согласни се и граѓаните на пазарот, но за дел од нив цената од 70 денари сепак е висока.
Сортата „Џејзер“ важи за крцкава и сочна салатна краставица без горчина, која содржи над 95 проценти вода и е одлична за хидратација. Покрај тоа, овие краставици содржат и витамини К, Ц и А, како и калиум и антиоксиданси кои придонесуваат за зајакнување на имунитетот.
Иван Митев, М-Нет