Ќе се врати ли платата во плик? – синдикалците со реакции за новиот предлог-закон

Синдикалците имаат низа забелешки на предлог-законот чиј иницијатор е Труд и социјала, а кој повторно ќе ја врати платата во плик. Земјоделските дејности, градежниот сектор, услужни дејности поврзани со подготовка на храна и сместувачки капацитети се дел од оние кои ќе бидат опфатени со овој закон. И претседателката на „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева, реагира дека на овој начин се врши дискриминација и нелојална конкуренција.

„Наместо да се создава здрава средина за бизнисите и да има здрава конкуренција, овде се форсира сива економија, што нѐ враќа не знам колку години наназад, кога се боревме против таа плата во плик и да биде евидентирана работата, да биде платена соодветно, да немаме сива економија. Очигледно Владата не ги сфаќа оние забелешки кои доаѓаат од Светска банка во однос на сивата економија и конкретно овде се прави дискриминација, се прави нелојална конкуренција“, вели Ампева.

Платата во плик ќе значи целосна анархија, смета Ампева. Таа вели дека освен приватниот, штетите од предлог-законот, ако се усвои, ќе ги почувствува и јавниот сектор. Вели дека не знае по кои европски закони и европски регулативи и закони е овој предлог. За неа уште понесериозно е и тоа што работодавачот за прекин на работното ангажирање може да го информира работникот 12 часа пред прекинот.

„Ова не е проблем само на приватниот сектор, ова ќе биде подоцна проблем. Ако кажеме, добро, еве, сите сакаме да земаме пари во плик, да ги плаќаме најниските даночни стапки во однос на придонесите од здравствено и пензиско осигурување. Што тогаш ќе се одлева во фондовите, што ќе се одлева во народниот буџет, но и од каде ќе се плаќаат функционерите, министрите, па и нивната гломазна администрација. Да не се враќаме во некоја анархија, којашто одамна ја надминавме. Сметам дека овој предлог-закон треба веднаш да биде повлечен од страна на Министерството за труд и социјала“, додава Ампева.

Ампева апелираше Труд и социјала да го повлече овој предлог-закон, а синдикалците да бидат погласни во однос на овие забелешки.

Ребека Спасова М-Нет