Јубилејниот 30 шампионат на Првата македонска фудбалска лига ќе стартува во август

Со носталгична слика од разрушената западна трибина на Градскиот стадион во Штип ја најавуваме јубилејната 30. прволигашка сезона која биде зачинета и со фудбалерите на Брегалница. Штипскиот прволигаш се наоѓа во периодот на уште поголемиот јубилеј 100 години од формирањето на клубот кое ќе го прослави со настап во најелитното фудбалско друштво на Македонија. Во најскоро време ќе „никне“ новата модерна трибина која ќе ја симболизира одличната соработка на Брегалница и локалната самоуправа на Штип со раководството на ФФМ со што Градски во Штип ќе биде мегдан на меѓународни и репрезентативни натпревари. Во оваа јубилејна 30 сезона за прв пат ќе го нема тимот на Вардар за кој сите во Македонија знаеме кој беше, што беше и особено тим кој секогаш излегуваше во пресрет на штипските плави. Во најкризните моменти на Брегалница екипата на Вардар одигруваше пријателски натпревари во Штип и отстапуваше свои фудбалери на Брегалница. Првата лига во оваа сезона ќе биде без уште еден респектабилен клуб а тоа е тимот на Силекс во чиј тим многумина штипски фудбалери со успешни игри придонеле за негова афирмација. Прволигашката сезона ќе започне комбинирано 7 и 8 август со 12 клубови и тоа: Шкендија, Шкупи, Пелистер, Струга Трим Лум, Македонија Ѓорче Петров, Работнички, Академија Пандев, Борец, Ренова, Тиквеш, Скопје и Брегалница. Првенството ќе се одигра по трикружен систем со одигрување на 33 првенствени кола. Куп – натпреварите на Македонија ќе стартуваат во септември и ќе се игра по принципот на одигрување на само еден натпревар. Се знае и датумот zа почеток на првенствата во Втората лига Исток и Запад, првенства кои ќе стартуваат на 21 август.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk