
Висока сметка за јануари, четири улици помалку. Вака пред неколку месеца градоначалникот на Општина Штип ја објасни тешката ситуација на ЈП „Исар“. Да се намали реконструкцијата и асфалтирањето на улици, тротоари и булевари беше единствениот излез за да се плати високодоспеаната сметка на ЈП „Исар“. Меѓутоа, Јорданов сега е со став дека долговите ќе се вратат, ама ќе се направи и многу повеќе од кога било досега.
„Доколку овие средства останеа во буџетот или со овие средства располагавме, сигурно, ќе беа реалоцирани во капитални инвестиции. Сето она коешто се случува во нашиот град, парите коишто ги враќаме кон граѓаните во форма на капитални инвестиции, сигурно, дека ќе беа многу поголеми, повидливи. И покрај ваквата ситуација во којашто се наоѓаме, тоа што имаме обврска да ги враќаме долговите, затоа што некој не работел одговорно, ќе направиме многу повеќе од кој било досега“, истакна Јорданов.
Според Јорданов, отплаќањето долгови е селективно, бидејќи истите се отплаќаат откако тој е градоначалник, што не било случај претходно. Тој додава дека е единствениот кој има решение за наплата од страна на ресорното министерство.
„Јас сум првиот градоначалник на којшто му е доспеано решение за наплата од страна на Министерството за финансии за долг којшто дваесет години никој не го сервисирал и не го враќал. И тоа не само долгот којшто јавното претпријатие го има по основ на електрична енергија, туку и по основ на кредит подигнат пред дваесет години. ЈП и Општина Штип на месечна основа враќаат 3,7 милиони денари кон МФ, коишто почнаа да се наплаќаат откако јас станав градоначалник. Значи, селективно се наплаќа, никој претходно не го сервисирал, не го враќал тој долг“, додава Јорданов.
Иако Јорданов вели дека го даваат својот максимум за граѓаните да ги видат инвестициите, а притоа Општината нормално да функционира и да ги оплаќа долговите. Сепак, вели дека со средствата коишто досега се префрлени на Министерството и ЕВН, сигурно ќе имаше направено многу повеќе улици.
Ребека Спасова М-Нет