Јорданов и Паунов: Во 2023 година продолжуваме со проектите со засилено темпо

Реализирани проекти од областа на патната инфраструктура, спортот и образованието се она по што градоначалниците на Штип и Карбинци ќе ја паметат старата 2022 година. На почетокот на новата 2023. се со елан за продолжување на работата со засилено темпо. Градоначалникот Паунов вели дека оваа година ќе биде уште поплодна во поглед на работата, бидејќи ќе значи половина од неговиот мандат во кој ќе се стреми кон што повеќе резултати.

„Во оваа 2022 година навистина за мене како градоначалник и Општина беше успешна во делот на реализацијата на проекти, во делот на испорачувањето на резултати кон граѓаните, така што се надевам дека и следната 2023 ќе ни биде уште поуспешна за да можеме да го оствариме сето она што сме го ветиле за овој мандат, а и би рекол дека 2023 година ќе ни биде година во којашто ќе оставиме и поголем белег од нашиот мандат. Би рекол една половина од мандатот во којашто ќе имаме половина резултати во однос на изградбата на проекти, на реализацијата и оставање на траен белег во нашето општество“, вели Паунов.

Продолжување на проектот со конзолите на река Отиња е еден од проектите коишто го посоува градоначалникот Јорданов за оваа 2023 година. Во однос на претходната, посочува дека се работело многу, но во оваа година истите ќе бидат мултиплицирани и со поголем интензитет.

„Еве, јас ќе ги сублимирам. Тоа се проекти во делот на патната инфраструктура, реконструкција на улици, изградба на нови и реконструкција на стари спортски терени, каде што младите имаат можност да спортуваат. Направивме низа уредување на парковите во неколку населби од градот, конзолите на река Отиња во централното градско подрачје, кое планираме и во иднина да го промениме во тој поглед. Проектите и оние позитивни работи коишто успеавме да ги реализираме ќе се мултиплицираат во 2023 година со уште поголем интензитет“, вели Јорданов.

Пред градоначалниците оваа година предизвикот ќе биде голем, бидејќи на крајот на истата пред граѓаните ќе треба да покажат што сработиле за половина од својот мандат, кој започна на локалните избори во 2021 година.

Ребека Спасова М-Нет