Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска со особена чест присуствуваше на свеченоста по повод осум децении постоење на ЈУ Детски дом „11 Октомври“, што се одржа под покровителство на премиерот, Христијан Мицкоски.
– Осум децении во кои генерации воспитувачи и стручни работници со знаење, трпение и љубов им обезбедуваат сигурна и професионална грижа на децата без родители и без родителска грижа. Секое дете заслужува да расте со чувство дека припаѓа. Да има кому да му се довери кога нешто го мачи, кого прво да го израдува со добра вест и кој да му каже „Верувам во тебе“ токму кога му е најпотребно. На сите што низ годините сте биле таа поддршка за децата, од срце ви благодарам. По 80 години, вредноста на вашата работа најдобро се гледа во оние навидум мали, а за едно дете огромни моменти кога знае дека може да смета на вас. Наша одговорност е да им бидеме потпора и додека растат и кога ќе дојде време сами да го изберат својот пат. Нека е честит големиот јубилеј – изјави Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека како градоначалник на Скопје, останува посветен, во соработка со надлежните институции, на тоа овие деца да ги имаат истите можности како и нивните врсници – да учат, да спортуваат, да го откријат својот талент и со самодоверба да зачекорат во самостоен живот.
Текстот Ѓорѓиевски: 80 години ЈУ Детски дом „11 Октомври“, 80 години љубов и грижа за децата без родители е превземен од МАКФАКС.