Штипјанецот Даниел Христов меѓу најдобрите млади хемичари во светот – пофалница на Меѓународната олимпијада во Узбекистан

Ученикот Даниел Христов од СОУГ „Славчо Стојменски“ – Штип оствари значаен меѓународен успех, освојувајќи пофалница на 58. Меѓународна олимпијада по хемија, која годинава се одржа во Ташкент, Узбекистан.
Македонскиот тим настапи во исклучително силна конкуренција од 363 ученици од 93 држави, при што освои еден бронзен медал и три пофалници, потврдувајќи дека македонските средношколци успешно се носат со најдобрите млади хемичари во светот.
Покрај пофалницата за штипјанецот Даниел Христов, признанија добија и Даниел Христовски од ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје и Георги Николоски од СОУГ „Мирче Ацев“ – Прилеп, додека бронзениот медал го освои Теона Ана Георгиевска од ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје.
Подготовките на македонскиот тим беа организирани од Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, со поддршка на поранешни олимпијци, студенти, асистенти и професори од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Успехот на Даниел Христов претставува голема гордост за Штип и за СОУГ „Славчо Стојменски“, како уште една потврда дека младите таленти од градот можат рамноправно да се натпреваруваат со најдобрите ученици од целиот свет.