
Забрана за исплата на прекувремени часови, освен на вработените од секторот Водовод, намалување на бројот на вработени, продажба на објекти кои не биле изнајмувани, Советот да побара Министерството за финансии да ги отпише каматите на долгот и дивите приклучоци да се стават во системот за наплата. Петте мерки денеска ги изгласаа советниците за да го извадат штипски „Исар“ од финансиската криза. Истите треба не само да не донесат дополнителни загуби, туку и да ги зголемат приходите.
„Најголем број на неплаќачи се граѓаните од ромската заедница, па затоа ќе потпишеме меморандум за добра соработка со невладини организации како и со МТСП. Дополнително, размислуваме и да се најде начин да се субвенционира оваа заедница. Овде имаме и голем број диви приклучоци, што е неевидентирана добивка на ЈП која сметаме дека треба да ја евидентираме, да извршиме точен упис на дивите приклучоци, да ги ставиме во системот за наплата на самото претпријатие“, истакна директорот на Претпријатието, Кирил Зајков.
За опозицијата, пак, нејасно е зошто повеќето од мерките имало потреба да се најдат на седницата на Советот. Како што велат, Претпријатието веќе доби 18.000.000 денари од Општина Штип, а генерира и значително зголемен приход по основ на зголемувањето на цените за ѓубрарина и одржување на зеленилото.
„Ако го земеме само првиот квартал од годината, во којшто по основ на ставки во текот на една година се зголемија – за ѓубрарина 110%, неколкукратно за одржување на зеленилото, а беше донесена одлука и за инјектирање од 18.000.000 денари на ЈП, зошто имаме потреба да оттуѓуваме имот? Зголемување од 8,5 милиони само за три месеца. Тоа е сериозна сума со којашто дел од трошоците коишто сега се прават може да се покријат. Ваквите барања се неиздржани и нејасно е зошто се на седница на Совет, а одлуката за оттуѓување на имот е преизбрзана за дадениот момент“, истакна координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата, Маријана Рогожарска-Поповска.
Стратегијата која денеска ја изгласаа мнозинството советници е среднорочна, односно за период од шест месеца во кој треба да ја подобри ликвидноста на Јавното претпријатие.
Ребека Спасова М-Нет