
ХС Злетовица ја намали сметката за електрична енергија на штипски „Исар“. Речиси двојно помала сметка за март од онаа највисоката која пристигна во јануари. Од 19.000.000 денари , на 9.000.000 денари, помала потрошувачка, но повисока берзанска цена, вели директорот на јавното претпријатие, Трајче Здравков. Сепак во моментов ситуацијата е на стабилно ниво.
„Направивме максимални напори да го стабилизираме напојувањето со струја во јавното претпријатие. За разлика од месец декември, кога имавме потрошувачка од 750 мегавати месечно, во месец март потрошувачката ја намаливме на 250 мегавати, што значи дека секој нареден месец стигнуваат помали сметки за струја. Но не зависи се’ од нас. Впрочем, за месеците јануари и февруари берзанската цена беше 17 денари, а за месец март е 26 денари. Со оглед на тоа ние сега сме стабилизирани. Кризата за електрична енергија ги погодува сите, па така и нас. Се надевам дека во иднина ќе се намали таа цена за јавното претприајтие да плаќа уште помали сметки и да се извлече од оваа криза“, истакна Здравков.
„Исар“ во моментов отплаќа и долг на ЕВН и претходниот добавувач на електрична енергија и тоа со месечни рати од 2.500.000 денари. За подмирување на долговите повеќе се штеди, па сега долгот е на 23.000.000 денари, вели Здравков.
„Јавното претпријатие согласно со своите примања и финансиски способности долгот кон ЕВН го плаќа на месечни рати, гледаме да одвојуваме колку што може повеќе. Но мора да плаќаме и кон нашиот претходен добавувач, кон кого имавме заостанат долг од 30.000.000 денари, така што ние штедиме од месец за месец и се трудиме да ги сервисираме нашите долгови“, додаде Здравков.
Во моментов Штип се снабдува со вода преку дуален систем на водоснабдување. Претежно водоснабдувањето е од ХС Злетовица, но при поголеми дождови и заматување на водата се вклучуваат и бунарите. Во текот на март работела само една пумпа, а дуалниот систем се користи во однос 80% – 20%.
Ребека Спасова М-Нет