„Шанса за Центар“: Десетици крупни градби се планираат на стрмен терен на Водно

Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ предупредува дека Нацрт Деталниот урбанистички план за Барутана, кој е ставен на дневен ред на Советот на Општина Центар, може да создаде ново ерозивно подрачје над Скопје.

Од иницијативата посочуваат дека просторот на Водно познат како Барутана, кој почнува кај полицијата и почетокот на планинарските патеки, во Планот за енергија и клима на Општина Центар е означен како подрачје загрозено од ерозија. Според нив, за оваа локација е дадена препорака за садење квалитетна шума, наместо изградба на станбени објекти.

„И во самата проектна програма врз основа на која се изработувал ДУП-от пишува дека задолжителна мерка за заштита и спасување која треба да се разработи во планската документација е опасноста од ерозија“, наведуваат од „Шанса за Центар“.

Сепак, според иницијативата, во предложениот ДУП нема мерки за заштита од ерозија, ниту заштита од потенцијални шумски пожари и поројни поплави.

Од „Шанса за Центар“ потсетуваат и на случаи на лизгање на земјиштето на падините на Водно, кај Клиниката за детски болести и хотелот „Тасино Чешмиче“, и предупредуваат дека со планот повторно се предлага изградба на десетици крупни објекти на стрмен планински терен.

Иницијативата наведува и дека планот е изработен по приватна иницијатива на фирма која поседува имот во опфатот на ДУП-от. Според нивните тврдења, на земјиштето каде претходно биле планирани објекти за државни институции, сега се предвидува приватно домување.

Точката требало да биде разгледана на седницата на Советот во вторникот, но седницата била прекината и ќе продолжи во следниот период.

„Новите планови треба да ја подобруваат состојбата и да ги решаваат грешките од претходните штетни ДУП-ови кои го претворија градот во бетонска џунгла, а не да ги повторуваат и да ги зголемуваат. Категорично НЕ за ваков ДУП“, порачаа од „Шанса за Центар“.

Текстот „Шанса за Центар“: Десетици крупни градби се планираат на стрмен терен на Водно е превземен од МАКФАКС.