Црвениот крст отвори советувалиште за психолошка поддршка на граѓаните

Црвениот крст отвори советувалиште за психолошко советување, наменето за сите граѓани на кои им е потребна стручна, професионална и доверлива поддршка.

Услугата опфаќа индивидуални психолошки сесии со стручно лице, професионално советување и поддршка при справување со стрес, анксиозност и емоционални оптоварувања, како и помош при лични, семејни и професионални предизвици.

Од Црвениот крст посочуваат дека советувалиштето обезбедува безбеден и доверлив простор за разговор, со индивидуален пристап приспособен на потребите на секој корисник.

Советувалиштето работи секој работен ден од 8 до 20 часот, а индивидуалните сесии траат од 45 до 60 минути.

Граѓаните можат да добијат информации и да закажат термин на телефонскиот број 072 271 048, секој работен ден од 8 до 16 часот.

„Грижата за менталното здравје не е луксуз, туку потреба. Барањето психолошка поддршка не е слабост, туку храброст“, порачуваат од Црвениот крст, нагласувајќи дека навремената поддршка може да придонесе за подобра емоционална рамнотежа и поквалитетен живот.

Од организацијата ги охрабруваат граѓаните да побараат помош кога им е потребна, со пораката: „Не мора сè да носите сами! Вашето ментално здравје е важно!“

Црвениот крст објави и видео за новата услуга за психолошко советување на својот канал на Јутјуб.



Текстот (Видео) Црвениот крст отвори советувалиште за психолошка поддршка на граѓаните е превземен од МАКФАКС.