Храната за Задушница да се даде на сиромаси, на гробишта да се понесе само пченица, вино и свеќи

Храната за Задушница да се даде на сиромаси, на гробишта да се понесе само пченица, вино и свеќи. Со овој јасен и емотивен апел, протојерејот Добрица Јанев од Штип, ги повикува верниците да ја преиспитаат долгогодишната навика на раздавање по гробиштата. Тој вели дека храната таму не им користи ниту на покојните, ниту на живите, напротив создава неред. Подоцна се собираат кучиња, кои храната ја газат, јадат и ги поганат гробиштата. Наместо торби и јадења, тој повикува на молитва и човечност.

,,Апелираме да не претеруваме, она раздавање што го кажуваме нели кај нашиот народ има корење во светото писмо , каде што се вели да се раздаде од имотот на покојниот, ама на сиромаси, е сега тука треба да ја правиме разликата наместо да носиме премногу храна, премногу пијалок на гробиштата, нека биде тоа поскромно, колку што е можно, но она што мислиме да го дадеме, е да го дадеме на некој кој што нема, бидејќи сите знаеме дека кај нас во околината во нашето соседство има некој кој што немаат доволно за храна и средства, па затоа ќе биде подобро наместо да носиме по гробиштата па ќе го фрлаат и кучињата ќе го растргаат со што ќе ги поганат гробиштата, подобро да го дадеме на некој да го изеде со тоа и тој ќе се помоли на Бога ќе рече Бог да го прости покојниот, а и за нас ќе се помоли ќе рече да сте живи и здрави, Господ да ви дава здрвје.“, рече Јанев

Со ваквите дела Јанев вели ќе бидат сити сиромасите, спомнати покојните и задоволни дарежливите. Вели ваквите дела се одраз на вистинската православна вера.

,,Затоа апелирам до сите наши браќа и сестри носете само пченица, виното и свеќите и да се повика свештеник за покој на душите.“, додава Јанев

Со овој повик, Црквата потсетува дека вистинската почит кон покојните не се мери со трпеза, туку со делата на добрина. Да се спомнат мртвите со молитва, а да се помогне на живите , тоа е пораката што треба да се пренесе од секој гроб на секое срце. И можеби, токму така, ќе ја покажеме верата не со зборови, туку со дела.

Иван Митев, М-Нет