Фудбалско дерби на Истокот во недела: Каменица Саса – Кит Го

По 4 одиграни првенствени кола дојде до смена на врвот во ВМФЛ – Исток откако водечката Слога од Виница неочекувано киксираше и загуби во Радовиш од тимот на Детонит. Затоа пак злато вредна победа извојуваа играчите на Каменица Саса кои предводени од шефот на Стручниот штаб Горан Здравков направија вистинска сензација победувајчи ја Беласица во Струмица. Нашите извештаи велат дека фудбалерите од Македонска Каменица просто „везеа“ по теренот во Струмица и сосема заслужено со голот на Дарко Алексовски со песна си заминаа и да ја споделат радоста со своите симпатизери. Сега Каменица Саса е на чело на табелата со 13 бодови пред Слога која има освоено 12 бодови. Шефот Горан Здравков во денешниот разговор се заблагодарува за добриот прием на домакините, на раководството на неговиот тим за успешната соработка и подршка и им честита на сите играчи за херојската борба, за перфектно извршените зададени техничко – тактички задачи и за колективниот дух кој допринесе за големото славје. Поради предстојните квалификациски обврски на македонската репрезентација следното 6 коло во ВМФЛ – Исток ќе се одигра во недела 3 октомври а во Македонска Каменица љубителите на фудбалот ќе присуствуваат на ново дерби на кое силите ќе ги одмерат старите традиционални ривали, Каменица Саса и Кит Го од Пехчево кој засега се наоѓа на 5 место на табелата со 9 освоени бодови. Дерби во ова коло ќе има и во Виница каде што ќе се сретнат Слога и Беласица. Во останатите средби ќе се сретнат Братство – Кожув, Осогово – Детонит и Локомотива – Победа.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk