Формирано првото доброволно противпожарно друштво „Баргала“ во Карбинци

Општина Карбинци го добива првото доброволно противпожарно друштво, кое ќе го носи името „Баргала“. Станува збор за проект кој се реализира преку ЛАГ Плачковица во соработка со општината, а целта е да се превенира навремено при евентуално појава на пожари летниот период. Како што истакна градоначалникот, Виктор Пуанов, ова е од големо значење за општината, бидејќи придонесува самостојно да се справуваат со ситуации на пожари, кои изминатите години беа чести.

„Важното за нас како Општина Карбинци е дека ќе превземе чекори кои ќе бидат важни за превенција од пожари кои би се случувале на територија на Карбинци. Се надевам дека оваа година ќе можеме и ние самите да постигнеме нешто повеќе за справување со овие ситуации“ – вели Паунов.

За почеток има пријавено околу 12 лица кои во наредниот период ќе следат соодветни обуки и ќе добијат сертификати за да може да дејствуваат за време на пожари. Дополнително ќе се обезбеди и соодветна опрема за потребите на доброволното друштво, дел со средства од проектот и општината, друг дел преку донации, како и од Дирекцијата за заштита и спасување.

„Ваквите доброволци покрај тоа што ќе можат да интевенираат, може да помогнат и во други активности кои се за поддршка на заедницата на граѓаните. Бројот не е ограничен може сите кои се физички здрави согласно законот од 18 до 55 години може да членуваат во друштвото“ – вели Георгиев.

Проектот за формирање доброволни противпожарни друштва преку ЛАГ Плачковица се реализира во четири општини, Штип, Карбинци, Конче и Радовиш, а ова е трето формирано друштво во рурална средина.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет