
Брегалница ќе треба да ја плати штетата за уништените тушеви во гостинската соблекувална на стадионот во Неготино, а како што вели ФК Вардар Неготино преку ново соопштение.
Според истото, ФК Вардар Неготино ги демантираше обвинувањата на Брегалница, а притоа како што информираше ќе треба Брегалница да ја плати штетата за тушевите во соблекувалната, во спротивно како што се вели во соопштението на ФК Вардар Неготино, ФК Брегалница ќе оди на Дисциплинска.
„ГФК Вардар Неготино најпрво, со најголема сериозност го демантира соопштението на ФК Брегалница кое беше објавено на нивната социјална мрежа, кое е полно со неточности, неосновани обвинувања и непрофесионален речник што не доликува на клуб кој се претставува како “реномиран и со традиција”. Наместо спортска самокритичност по неславниот настап на терен, ФК Брегалница избра да конструира наратив полн со теории на заговор, навреди и лични дисквалификации. Во интерес на јавноста, Ве известуваме дека денес од Дисциплинската комисија на ФФМ ни стигна соопштение во кое е наведено дека, цитираме:
„Согласно наводите во извештајот од делегатот на натпреварот од 24 коло Втора МФЛ ФК Вардар Неготино – ФК Брегалница 2008 – Штип, ДЕЛЕГАТОТ НА НАТПРЕВАРОТ изнесува Коментар: Коректна и фер атмосфера се до крајот на натпреварот кога после туширањето на гостите, домаќините пријавија два уништени туша. Ние како клуб, СМЕ задолжени да во рок од 3 (три) дена, доставиме фактура до ФК Брегалница, за надомест на штетата за скршените туша, а да по добивање на фактурата ФК Брегалница се ЗАДОЛЖУВА истата ја исплати во рок од 10 (десет) дена. Доколку истата не се плати во предвидените рокови, ФК Брегалница ќе биде дадена на Дисциплинска комисија на ФФМ.”
Од сето ова произлегува дека ФК Брегалница сепак, ИМА направено штета, а не дека се е исценирано од “домаЧините”. ГФК Вардар Неготино секогаш ќе стои зад вистината, фер-плејот и спортскиот дух – а не зад сенка на вештачки креирани инциденти“, се вели во соопштението на второлигашот од Неготино.
Вардар Неготино со 1:0 ја доби Брегалница на домашен терен и со тоа си го потврди опстанокот во Втора лига, а Брегалница ќе се мачи одново за Прва лига и веќе е се подалеку од таа цел.
Александар Ванев, М-Нет