
Есенскиот шампион на Третата фудбалска лига – Исток,тимот на Брегалница од Делчево ја искористи паузата во првенството за промоција на својот клуб кај своите страсни симпатизери. Откако клубот кој како и повеќето македонски клубови се судрува со финансиски проблеми и откако доби исклучително важни донации од свои бивши фудбалери и пријатели на клубот од дијаспората во вид на спортска опорема, се реши на несекојдневен гест. Имено раководството на клубот заедно со вистински пријатели на фудбалот се решија да изготват картичка за лојалност кон клубот со што се става до знаење дека се мисли на играчите, се почитува традицијата на клубот и особено се мисли на искрените љубители на тимот во понатамошно идно настапување, па и за евентуалните второлигашки искушенија.

Делчево и тимот на Брегалница тоа го заслужуваат и од тука идејата за лојалната картичка која ќе чини 1000 денари кои подоцна ќе се уплатат на трансакциската сметка на клубот. Ова беше вистинска сензација за наши услови која беше сесрдно прифатена од некогашни и сегашни фудбалери кои веќе ги купија првите лојални картички наговестувајќи дека оваа акција ќе биде радо прифатена од фудбалските вљубеници. Инаку тренер на тимот на Брегалница е Гоце Попов кој наскоро ќе ги собере своите играчи на подготовки во пресрет на тешкиот пролетен циклус. Тимот се состои и е спој од релативно млади играчи, некогашни членови на соседните малешевски клубови како што се Станоевски, Ратков, Јанков, Пешевски и др. како и т.н. староседелци од минатото првенство. Во вториот пролетен дел главни конкуренти во третолигашката шампионска борба на Брегалница ќе им бидат екипите на Детонит од Радовиш и на Овче Поле од Свети Николе.
Драги Герасимов – Пушка Mnet,mk