„Фенерџијата“ Гевгелија до прва победа против штипски Астибо, Вардар, Чаир и Куманово до нови победи

Изминатиот викенд беа одиграни натпреварите од 16. коло од женската ракометна Суперлига, а најголемо изненадување приреди „фенерџијата“ Гевгелија, откако на домашен терен за првпат сезонава забележа триумф, во меч каде домашниот тим со 27:26 славеше над штипски Астибо.

Гевгелија одлично го отворија натпреварот и имаше предност и од пет гола при 10:5, а на полувреме резултатот беше 14:9. Во вториот дел штипските ракометарки заиграа подобро и ја стопија предноста од пет гола на домашниот тим, откако стигнаа и од 19:19, а потоа имаа и водство од 22:23. Сепак во финишот на мечот домашниот тим го сврте одново резултатот до конечни 27:26.

Најдобра кај гевгелија беше Благица Ступар, а кај Астибо најдобра беше Сара Кировска со седум гола, Ева Манева постигна шест, а по четири имаа Марија Анчева, Рената Милева и Ангела Велкова.

Скопје на домашен терен загуби од Пелистер со резултат од 27:29, Овче Поле на домашен терен не можеше да парира против фаворитот Вардар откако загуби со 22:34.

Деспина тесно го доби дуелот со Спартак со 27:26, а пак Чаир со десет разлика славеше над Стружанка односно со 36:26. Куманово беше убедлив во дуелот со Шампион со резултат од 32:19.

Како што претходно објави телевизија М Нет, колото беше отворено со дербито меѓу лидерот Ѓорче Петров и Металург Автокоманда, а конечниот исход беше реми со 50 гола односно 25:25.

Лидер останува Ѓорче Петров со 46 бода, Чаир е втор со 43 бода, трет е Металург Автокоманда со 40 бодови, а пак Куманово е на 4. место со 39 бодови.

На петтото место е Вардар со 34 бодови, Стружанка е шест со 22 бодови, Деспина е седма со 19 бодови на своето конто, а толку бодови имаат и Пелисер и Скопје. На 10. место е Спартак со 15 бодови колку што има и Овче Поле.

На 12. место со девет бодови е штипски Астибо, на 13. место е Шампион со седум бодови, а на дното е Гевгелија со само три бодови на своето конто.

Александар Ванев, М-Нет