Утре се отвара новата сезона во ВМФЛ, два главни фаворити, неколку екипи ќе се вмешат во трката за местата кон елитата

Утре стартува новата сезона во Втората македонска фудбалска лига со мечевите од првото воведно коло, а кое коло ќе се игра во два дена. Пелистер и Охрид се екипи кои се издвојуваат како главни фаворити во трката за Прва лига, но ќе има и неколку екипи кои ќе се вмешат во трката за местата кои водат кон елитата, како Детонит Плачковица, Новаци, Беласица, ланските прволигаши Работнички и Брера, но ќе има и екипи кои ќе се обидат да изненадат како Камјани, Еуромилк ГЛ.

Второлигашка сезона со прволигашки шмект, но дел од екипите ќе се потпираат на млади играчи. Фудбалерот на Детонит Плачковица, Филип Димоски кој е повратник во тимот од Радовиш очекува добра сезона и вели дека неговиот тим може да биде во горниот дел од табелата.

„Реално има доста имиња во оваа Втора лига како што се очекуваше, мислам дека ќе имаат повеќе екипи амбиции. Има доста имиња, доста прволигаши коишто играле, по мое реално сооглед на сите екипи Пелистер и Охрид пријавија отворени амбиции, но мислам дека и од сенка три до четири екипи ќе нападнат позициите за Прва лига. Што се однесува до Детонит Плачковица, јас секогаш сум оптимист и верувам на добра сезона, чекор по чекор на секој натпревар и мислам дека можеме да направиме добар резултат и да бидеме во горниот дел на табелата“, вели фудбалерот на Детонит Плачковица, Филип Димоски.

Во рамки на првото коло Детонит Плачковица ќе гостува кај Шкупи, Брера Струмица дома ќе игра со Еуромилк ГЛ, Беласица против Осогово, Македонија ЃП ќе игра со Тетекс, Охрид ќе го пречека Новаци на домашен терен, Работнички ќе биде домаќин на Кожуф.

Колото ќе се затвори во недела од 20 часот со меч под рефлектори меѓу Пелистер и дебитантот Камјани.

Александар Ванев, М-Нет