Утре започнува пролетната полусезона во Првата лига: Пет екипи во трка за титулата, неизвесно ќе биде за опстанок

ФОТО: Александар Ванев, Телевизија М Нет

Утре ќе започне пролетната полусезона во Првата македонска фудбалска лига со натпреварите од 19. коло. Екипите изминатиот период се подготвуваа, засилуваа и одиграа пријателски натпревари, па веќе од утре започнува најважното, обезбедување на победи и бодови со цел остварување на целите за вториот дел од сезоната.

Лидерот Силекс, Шкендија, Работнички, Гостивар и актуелниот шампион Струга Трим Лум ќе бидат екипите кои ќе водат борба за излез во Европа, но и за титулата, останатите ќе бараат потврда на опстанокот во македонската фудбалска елита.

Воска Спорт е на дното, а борба за опстанок ќе водат и Вардар, Беса од Добри Дол, Тиквеш, како и Брера Струмица и Пелистер кој ќе сакаат да го потврдат опстанокот многу порано и со тоа да имаат мирна завршница во првенството. Шкупи е во средината на табелта и според бодовната залиха е во најдобра ситуација за сигурен опстанок.

Првото пролетно коло ни го носи и дербито меѓу Гостивар и шампионот Струга, што ќе биде одлична најава за отварање на пролетната полусезона, но и пеколна најава за титулата.

Пелистер отвара на домашен терен против Брера Струмица, ова ќе биде дуел од капитална важност и за двете екипи, кои силно ќе атакуваат на триумф и освојување на целиот „плен“.

На Чаир ќе се игра скопското дерби меѓу Шкупи и Работнички, каде „романтичарите“ силно атакуваат на освојување на титулата. Неизвесен дуел не очекува и во Кратово каде лидерот Силекс ќе се соочи со актуелниот освојувач на Купот на Македонија, Тиквеш од Кавадарци. Силекс ова сезона изгради одличен тим и бележи одлични резултати и сака да ја врати титулата во Кратово после долги години.

Првото пролетно коло ни го носи и големото дерби на лутите ривали Вардар и Шкендија, сега двете екипи имаат сосема различни амбиции. Вардар сака опстанок во Првата лига, а пак Шкендија атакува на титула.

Во рамки на првото пролетно коло или 19-тата рунда во Охрид на „Билјанини Извори“ ќе се одигра дерби од дното на табелата меѓу Воска Спорт и Беса, каде и двете екипи се борат за опстанок во Првата лига.

Александар Ванев, М-Нет