Трчаме по шалтери за документи додека светот зборува за вештачка интелигенција – до каде е дигитализацијата?

Додека светот веќе работи со вештачка интелегенција, ние сѐ уште патуваме до главниот град или трчаме по шалтери за документи. Вака комуникологот Бојан Кордалов ја оценува дигитализацијата во државата. Тој вели дека проблем е што ние сѐ уште дискутираме за тоа дали е добро нешто да се дигитализира наместо да преземеме соодветни чекори за да го сториме тоа.

„Светот веќе регулира вештачка интелигенција, многу повисок степен на дигитална трансформација, а ние сѐ уште не можеме да се договориме како општество за дигитални услуги и тоа е пораз зашто ние губиме како граѓани, губиме пари, губиме време, сѐ уште трчаме по шалтери, бараме документи коишто институциите треба да ги имаат, не успеваме да оствариме права, туку имаме патни трошоци до Скопје или некој друг град, така што одбиваме нештото да го направиме дигитално“, вели Кордалов.

На прашањето колку е тежок патот до дигитално општество во Македонија, Кордалов вели дека ние немаме волја за да ги премостиме пречките. Политичките чинители често ја имаат дигитализацијата во своите програми, но ретко кога и ја спроведуваат. Не треба да се прашуваме дали е добро да се дигитализира, вели тој, зашто пример треба да ни се другите многу понапредни држави.

„Ако имате волја, имате сѐ. Во Македонија за сѐ што се има волја се премостуваат десет планини, а кога се нема волја, и едно брдо од 100 метри одбива да се качи. Таа е состојбата којашто е реална. Сѐ уште нема волја од страна на политичките чинители да се ова како тема стави на врвот на приоритетите и луѓето сѐ уште се плашат дека дигитализацијата ќе донесе нешто лошо. Еве, каде во свет каде што луѓето не трчаат по шалтери, каде што луѓето не губат часови и денови да излегуваат од работа, да патуваат, каде живеат полошо?“, вели Кордалов.

Кордалов се согласува дека економскиот фактор е пречка, но вели дека треба да се размисли колку економски ние губиме. Една од причините за иселувањето на младите, додава тој, е токму недигитализираното општество.

„Неразвивањето на платформи и невоведувањето на дигитализација брка десетици илјади млади луѓе од Македонија. Колку изгубени пари се тоа? Инвестирани се 30, 40 илјади евра како општество за едукација на еден млад човек и го губиме. Не отвора работно место или бизнис во Македонија, туку тоа го прави во странство и развива други економии, па да пресметаме колку пари губиме“, заклучува Кордалов.

Некои од извештаите за дигитализацијата во државата покажуваат дека и покрај тоа што бројот на електронски услуги и тој на корисниците расте, сепак ваквите услуги не се доволно промовирани кај граѓаните. Во исто време, ставовите се дека голем број на услугите не се воопшто електронски, а некои од тие што се, се чека и многу долго.

Ребека Спасова М-Нет