Намерата на власта не била реформа и подобрување на Изборниот законик, туку изборен грабеж и манипулација со 200.000 гласови на дијаспората, обвини пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска.
„Се потврди дека намерата на власта не беше ниту за реформи, ниту за подобрување на Изборниот законик, туку само за изборен грабеж и манипулација со 200.000 гласови на дијаспората“, изјави Тренчевска.
Таа реагираше на повикот опозициските партии меѓусебно да се договорат за измените на Изборниот законик, наведувајќи дека СДСМ нема што да се договара со опозицијата и дека, според неа, проблемот е кај власта.
„Нема што СДСМ да се договара со опозицијата. Проблемот е кај власта, кај Мицкоски, кој сака да манипулира со 200 илјади гласови“, рече Тренчевска.
Таа праша дали ВМРО-ДПМНЕ претходно тврдеше дека веќе има договор со Левица и ДУИ и дека партиите учествувале на лидерска средба.
Според Тренчевска, реформската агенда не му е важна на премиерот Христијан Мицкоски, туку служи како „изговор и алиби“ за неисполнетите реформи во евроинтеграцискиот процес.
„Прво беше електронско гласање, откако не им помина, гласање по пошта – и двата модели по нивна мерка за совршена кражба на гласови“, обвини Тренчевска.
Таа посочи дека одредбите треба да почнат да се применуваат од изборите во 2029 година и оцени дека има доволно време за изградба на сериозен, сигурен и кредибилен модел преку широка јавна дебата и политички консензус.
Текстот (Видео) Тренчевска: Нема што СДСМ да се договара со опозицијата за Изборниот законик, проблемот е кај власта е превземен од МАКФАКС.